Најнови откритиjа на локалитетот Врбјанска чука

0

Неодамна завршија истражувањата на археолошкиот локалитет Врбјанска Чука што се наоѓа меѓу селата Славеј и Врбјани во општина Кривогаштани. Овие мултидисциплинарни истражувања се реализираа како резултат на меѓународната соработка во која беа вклучени Институтот за старословенска култура, Центарот за истражување на предисторијата, Завод и Музеј – Прилеп, Универзитетот на Јужна Бохемија и Институтот Биосенс.

Vrbjanska CukaИстражувањата беа концентрирани на централниот дел од локалитетот каде што се отвори поголема сонда во која се открија повеќе градби од лепеж и дрво, подигнати една врз друга во текот на динамичниот живот во оваа предисториска населба. Во антиката и средниот век во овие градби се вкопувале јами што се користеле за чување на жито во текот на жетварските активности. Ваквата концентрација на земјоделството на овој локалитет има своја традиција уште во неолитот, што го потврдуваат и бројните стопански конструкции пронајдени во градбите, како што се амбари, сандаци и корита во коишто се чувало и обработувало житото. Во прилог на тоа одат и големиот број мелници пронајдени во и надвор од неолитските куќи, што го истакнува овој локалитет како еден од позначајните неолитски стопански центри регистрирани во Македонија.

Покрај овие градби и ентериерни структури, во текот на истражувањата се пронајдоа и мноштво садови со висок квалитет, како и фигурини, жртвеници, антропоморфни модели на куќи, кугли за праќа и алатки од камен и коска што даваат податоци за духовната култура и секојдневниот живот на првите земјоделци. Зооархеолошките и археоботаничките анализи потврдија присуство на голем број доместицирани и диви животни животни и растенија, со што се направи темелен увид во стопанството и исхраната на жителите што ја формирале неолитската населба на Врбјанска Чука.

Истражувањата беа финансиски подржани од Швајцарскиот фонд за наука, Министерството за култура, Општина Кривогаштани, Универзитетот на Јужна Бохемија и Институтот Биосенс.

 

Share.

About Author

Leave A Reply