Општи информации

0

Општина Кривогаштани е општина во Западна Македонија. Центар на општината е Кривогаштани. Општина се наоѓа во плодната пелагониска рамница, во Прилепското Поле, во нејзиниот северозападен дел.

Географиja

На запад од Кривогаштани е Бушова Планина, а на југ, исток и север се простира Пелагонија. Општината лежи на надморска височина од околу 610 метри. Кога станува збор за сообраќајната поврзаност и географската местоположба не може а да не се спомне дека Општината и најголемата нејзина населба, Кривогаштани, претставува вистинска крстосница, бидејќи тука поминуваат главните патишта кои ги поврзуваат блиските градови. Имено, источно од Кривогаштани е градот Прилеп, кој е оддалечен 19 километри, а на запад се наоѓа Крушево, од Кривогаштани оддалечено 11 километри. Кон југ, т.е кон Демир Хисар води асфалтен пат, кој кривулесто минува низ селски населби, а потоа продолжува кон Битола. Исто така и кон север води асфалтен пат кон селото Ропотово, од каде продолжува кон Македонски Брод. Климата, како и во целата пелагониска рамница, па така и во Кривогаштани е изменето средоземноморска. Врнежите се движат од 700 до 900 милиметри воден талог во текот на годината. Тие се најинтензивни во пролет и есен, а првиот снег обично паѓа кон крајот на ноември или во почетокот на декември. Ветровите дуваат во текот на целата година, но најинтензивно во пролет и есен.[1] Покрај Кривогаштани, освен Црна Река која со мал дел влегува на територијата на Општината не поминуваат некои други позначајни реки, а исто така нема ни езера. Реките кои што минуваат во близина на Кривогаштани се мали и главно пресушуваат во текот на летниот период. Најблиска река до населбата е Крушевско-норовската река која со вода се храни главно од Крушевското Езеро, а се наоѓа западно и југозападно од Кривогаштани. Оваа река се влива во реката Блато која е источно од Кривогаштани.

Според картографијата на Македонија, и според катастарските општини, во рамките на Општина Кривогаштани има четири аномалии. Првата амомалија е тоа што се означува историското село Мирче Ацев, а атарот на селото не се бележи и најверојатно е во склоп на селото Врбјани, иако на катастарската карта на Македонија е во склоп на селото Големо Коњари. Втората аномалија е што во рамките на Општина Кривогаштани има атарско земјиште на селото Големо Коњари, кое пак е дел од Општина Прилеп. Атарскиот дел на Големо Коњари во Општина Кривогаштани е меѓу атарите на селата Славеј и Кривогаштани. Третата аномалија, за која нема никакви податоци, е означувањето на некое селот Караѓорѓево и неговиот атар. На картите се бележи веднаш до селото Славеј. Сепак, не постојат никакви докази дека имало вакво село, ниту пак некакви материјални докази. Атарот е најверојатно дел од атарот на селото Славеј (така е означено на нашата карта), Заположани или Вранче (последните две села се од Општина Долнени). Четвртата аномалија, која може да се види на катастарската карта на Македонија, е тоа што селото Славеј е сместено во рамките на атарот на селото Врбјани, а самиот атар на селото Славеј е оддвоено и се наоѓа после делот на Големо Коњари.

Историja

За минатото населените места на Општина Кривогаштани не се знае многу, а исто така не е доволно проучена и околината, во смисла на археолошки план. Но сепак еден од најзначајните археолошки локалитети во Македонија од периодот на неолитот е месноста Врбјанска чука, во непосредна близина на селото Врбјани. Се смета дека некои од населбите во Општината постоеле и егзистирале уште од античко време, односно од времето на македонскиот освојувач Александар Македонски, па и порано, на што укажуваат повеќе наоди кои се пронајдени во непосредната околина. За населбата Кривогаштани се знае дека во тој период не била на денешната локација, туку била малку поназапад, односно во месностите Градиште, Петочна Ричка и Крајни Рид. Исто така не е познато ни името на старата населба. Во легендите за Кривогаштани се спомнува името Крив Град, кое име сигурно дека не може да се смета за веродостојно на населбата од овој период. Подоцна, со овие области загосподариле Римјаните кои го потчиниле староседелечкото население кое било познато под етнонимот Пелагонци, кои се спомнуваат и во Хомеровата „Илијада“. За време на римското владеење „Кривогаштани“ влегувало во четвртата мерида MAKEDONIA TETARTHS (МАКЕДОНИЈА ЧЕТВРТА), со главен град Пелагонија (кој се наоѓал кај денешното село Прилепец). Со доаѓањето на Словените на Балканскиот Полуостров (VT век) настанале крупни промени. Така, покрај другите дошло и до менување на местоположбата на населбата. Впрочем, Словените се населиле неколку стотини метри источно од старата населба, за која се мисли дека се наоѓала кај денешниот топоним „Градиште“. Кривогаштани се спомнува дури и во грамотите од времето на цар Душан, во средината на XIV век. Во 1395 година, по смртта на кралот Марко (Крали Марко), Кривогаштани паднало под власта на Турците Османлии, по што следува петвековното турско ропство. Многу жители од кривогаштанските села учествувале во востанијата кои биле дигани против турската власт. Но, од нив секако дека најзначајно место зазема Илинденското востание (2 август 1903 година), дигнато во Крушево. Кривогаштани не било одминато и од војните на дваесеттиот век (двете балкански војни и Првата светска војна, а додека пак посебна страница има Втората светска војна). Тука, значајни се пред се ослободувањето од Турците и потпаѓањето под нови ропства, поделбите на Македонија во 1913 година, а потоа и НОБ. Сите историски настани многу влијаеле врз развојот на населбата. Така, таа во одредени моменти бележела назадување, а во одредени услови и развој.

Демографија

Поради нерасполагањето со доволни податоци од постарото историско минато за населбите во Општината, најдобро е да се започне со првите забележани податоци кои датираат од османлиското владеење. За да можат полесно да управуваат со поробените земји, Турците Османлии ги поделиле освоените територии на ејалети, а подоцна на пашалаци. Скоро цела Македонија влегувала во Румелискиот пашалак со седиште во Сердика (Софија), а подоцна ова седиште било префрлено во Битола. Пашалаците биле составени од санџаци, а овие пак од и нахии. Прилепската нахија (во чиј состав било и Кривогаштани) влегувала во Скопскиот санџак.Од пописните дефтери „Тапу-тахрир дефтери“ на турските власти, од 1467 година зборува дека зборува дека Кривогаштани било трета населба по големина во Прилепската нахија со 104 домаќинства, веднаш по Добрушево и Дебреште. Сите семејства во Кривогаштани биле христијанско – македонски. Од вториот дефтер кој потекнува од 1544 година се забележува пораст на домаќинствата во Кривогаштани на 164 од кои само едно семејство било муслиманско. По Илинденското востание, доаѓа до намалување на бројот на населението и во Кривогаштани како што било случај и во скоро цела Македонија, а посебно во Крушево и околината, поради одмаздата на Турците над македонското востанато население. Исто така до намалување на населението имало и по Балканските војни (1912-1913), а потоа и по Првата светска војна (1914-1918). Во периодот помеѓу двете светски војни се забележува мал пораст на населението, следејќи го воедно првиот официјален попис во 1921 и пописот кој следел потоа, односно во 1931 година од страна на српските власти во цела тогашна Југославија. Позабрзан пораст на бројот на населението се забележува по Втората светска војна. Во 1948 година се регистрирани 1913 жители, а додека за само по 5 години (1953) бројот на населението нараснал за 301 жител, односно на 2288 жители. И во 1961 година Кривогаштани бележи пораст во бројот на населението, кое се зголемило на 2366 жители, а пак во 1971 година бројот на населението за последен пат ќе се зголеми и тоа многу скромно, на 2380 жители. Порастот на населението во целиот наведен период е како резултат на високата наталитетна стапка, но и како резултат на тоа што Кривогаштани во периодот до 1965 година претставува општински центар, со што претставува и гравитационо подрачје за блиските селски населби кои влегувале во состав на општината. Веќе во понатамошниот период не само што бројот на населението е во стагнација, туку неговиот број се намалува, што е резултат на намалениот наталитет и иселувањето во поблиските градови како што се Прилеп, Крушево, Битола, па и Скопје. Така, во 1981 година бројот на населението се намалува на 2356 жители, а пак во 1991 година забележано е поголемо намалување на бројот на населението, односно биле забележани 2182 жители. Етничкиот состав на населението од официјалниот попис на Македонија од 2002 година е следниот: Македонци – 99,61% Роми – 0,13% Срби – 0,10% Останати – 0,16%

Share.

About Author

Leave A Reply